StoryLiving

Преплавување

Златко е полн со стравови во себе – се плаши од балони, големи моторцикли, бучни превозни средства, се плаши да се вози во лифт, од грмотевици, силен ветер, дожд, снег, петарди и истрели од огнено оружје… полн е со стравови во себе, но најголемиот страв го искусил во времето на пандемија од Ковид-19. Во прво време во нашата земја немаше случаи заболени од вирусот, така да Златко и не обрнуваше многу внимание кога се зборуваше на телевизија за појава на корона во Кина. Но, кога вирусот се прошири и во нашата земја, а особено кога во училиштето, каде што Златко порано посетуваше настава, најпрво од корона почина социологот, а потоа и неговата омилена наставничка по англиски јазик, тогаш веќе не само Златко, туку и сите луѓе во нашата земја почнаа да се плашат. Училиштата се затворија и се премина на онлајн настава. За време на траењето на пандемијата Златко најчесто времето го поминуваше дома, пред компјутер. Кога за време на пандемијата имаше полициски час, на Златко му беше дозволено да излегува со придружба и со документ дека е аутист, но освен еднаш, кога со тешка мака прифати да излеземе, никогаш повеќе не сакаше да шета за време на полициски час. Иако немаше никој надвор, сепак се плашеше дека од некаде ќе го фати корона.  Златко се уште бара редовно да ги дезинфицира рацете, не сака да се поздравува и прегрнува со никого, а особено не со тие што од порано не ги знае, единствено што прифати е да не носи веќе маска на лицето. Во слободно време, многу ретко излегува од дома, компјутерот му е единствен вистински „пријател“.